ВОЛШЕБНАТА МАШИНА ЗА ПИШУВАЊЕ

МАША x АНАБЕЛА

Многу одамна, во едно далечно место, си беше една принцеза. Се викаше Веселинка, но во соседното село сите ја знаеја како Веселка. Таа своето детство го поминуваше играјќи со децата од селото. Тие ја прифаќаа Веселка како своја и меѓу нив таа се чувствуваше најслободно.

На нејзиниот татко, Кралот, не му се допаѓаше што принцезата денгубеше во прашините и нивите на селото, па секој ден тој сè повеќе ѝ наметнуваше разни кралски должности и секакви часови со тутори; историја, литература, држење, јавање… Сметаше, Веселинка е на возраста на која доброто кралско воспитување е најважно и клучно е да се отстранат било какви негативни влијанија.

Но, Веселка во кралските должности не наоѓаше никакво задоволство, а единствено ги сакаше часовите по литература, бидејќи професорот ѝ дозволуваше да чита секакви книги. Сепак, ѝ недостигаа другарките. Сè што сакаше е да може повторно да трча со нив низ ливадите, да прават венци со полските цветови и да си играат со селските кучиња.

Кога изби војната, сиот преостанат контакт кој Веселка го чуваше со селото ѝ беше пресечен. Принцезата беше принудена да седи затворена во палатата, знаејќи дека во секој момент може да е нападнато нејзиното кралство, нејзиното прекрасно село. Деновите кои не ги поминуваше прислушкувајќи ги кралот и своите советници во собата за тактизирање, таа ги поминуваше длабоко во своите мечтаења, каде ги сонуваше сончевите денови од детството, плетенките на своите другарки и ладната изворска вода во нејзините дланки.

Кога војната заврши, со конечна победа на кралството, но не и без огромни загуби, веднаш по отворањето на портите Веселка се искраде надвор од палатата и се упати кон селото. На прв поглед сè беше во ред, но Веселка, познавајќи го селото како свое, веднаш ги забележа промените кај селанките. Не само во однос на нивниот изглед, но однесувањето им беше каде-каде сменето. Паранојата преовладуваше.

Во селото таа повторно се обедини со другарките. Сите ги изгушка. Беше пресреќна што повторно ги гледа, но бледоста на нивните лица, темните дамки под очите и испуканите усни укажуваа на тежок живот. Толку многу имаше пропуштено; сега сите беа големи девојки, а сепак, иако се немаа видено толку долго време, сè уште се чувствуваа неразделни.

Веселка целиот ден го помина во селото, слушајќи ги приказните на жените во селото. Интимниот круг кој го сочинуваа Веселка и своите другарки набрзо се прошири. Сите жени, некои од нив кои Веселка добро ги паметеше, а некои кои ѝ беа непознати, дојдоа за да ѝ раскажат за животот во селото за време на војната. Таа внимателно ги слушаше нивните маки и радости. Слушаше за сите непогоди што ги снајдоа, за омаловажувањето, болката...

Taa вечер, откако се врати доцна дома по цел ден поминат во селото, додека Веселка се препелкаше во својата постела, сони една машина за пишување.


Јас?

Па јас сум само една машина за пишување.
Имам свест. Тоа е можеби малку надвор од „вообичаено“ за предметите.
(или барем така си мислите)
Да, јас јадам, дишам и спијам.
Не, јас не размислувам за егзистенцијализам, на што ви личам бре?
Живеев многу прост живот, барем пред да ја сонам дамата.
Мојата главна улога беше да седам во ќошето на поткровјето и да сум убава.
Ги минев деновите многу спокојно, најдобар другар ми беше г-дин Прашко.
Секако, одвреме-навреме ќе си се симнев во кралската палата, да видам како се Величествениот и неговата ќерка, но никогаш не одев со цел да останам.
Секако, зборуваме п.с.е. (пред-соновата-ера)
Не знам колку сте свесни, но војна изби, заврши, чув некои оштети се сосем неповратни.
Но, мене тоа не ме интересира.
Јас само сакам да знам зошто сум овде, сега.
Тој ден се што помнам е дека бев преморена, сакав само да заспијам.

При расонувањето, таа речиси и да заборави на сонот. Но кога се исправи во креветот, на масата забележа машина за пишување. Во истиот миг се наврати на сонот, сега сеќавајќи се на него во целост. Тоа беше истата машина за пишување од сонот. Се разбира, таа не се осмелуваше да ѝ се приближи на машината, не знаејќи го нејзиното значење. Можеби, си мислеше, дека сè уште сонува, и дека ако ја игнорира таа ќе исчезне.

Заспав.
Ја сонев принцезата.
Станав.
Бев крај лепезата?
Што ли барав сега јас овде,
во собата на Веселинка?
Што ли се случило,
ова е некоја „фалинка”.

Не, не, ова мора да е некое чудо,
ми се чинеше навистина лудо!
Но, има причина, сѐ има…
Не знам, сепак не ми штима.

Се упати повторно кон селото. Кралот беше толку зафатен со реставрирање и разрешувањето на конфликтот што едвај ѝ обрнуваше внимание. Ги затекна селанките крај реката додека переа алишта и им се приклучи. Никогаш претходно немаше перено алишта самата, но кога ги виде како сите тоа го прават лесно, потпевнувајќи некои заеднички песни, Веселка посака да е дел од тој ритуал. Си ги раскажуваа своите соништа една на друга. Кога дојде редот на Веселка, таа накратко раскажа што сонуваше, но не спомна ни збор за она што го виде откако се разбуди.

Назад во палатата, Веселка повторно ја затекна машината за пишување на масата. Седна на столчето и ги помина прстите врз дирките. Беа студени на допир, стари и долго време неразмрдани, а сепак, немаа ни трошка прашина. Хартијата веќе беше наместена. Можеше да почувствува дека машината ја чека. Сепак, си легна. Веселка немаше никакви зборови за неа.


Цел ден седев сама,

во оваа страшна палата.
Се осеќаше како да сум во јама,
само опкружена со злата.

Изминаа денови од појавата на машината и секое утро таа поминуваше покрај машината како да не беше таму. Деновите ги поминуваше или во селото, или, во ретките случаи кога слугите кои Кралот ги испраќаше да ја разбудат остануваа и по појадокот, во библиотеката.

Денови поминаа откога стасав,
Принцезата поглед не ми фрла.
Зар до толку сум и грда?
Не ли ѝ се бендисав?

Ги собираше искуствата на жените во селото и ги чуваше во своето срце, тркалајќи ги низ својата глава навечер, пред заспивање. Им помагаше со дневните должности во селото на кои тие ја подучуваа. Детстката игра одамна заврши и сега Веселка конечно можеше да воочи колку различен живот живеат; нејзиниот - живот на удобност и сигурност, но и ригидност, вечни фасади, а нивниот - макотрпен, а сепак искрен и чесен. Некои од жените сè уште не беа опуштени во нејзино присуство, но Нада, нејзината најблиска пријателка секогаш ја вклучуваше во сѐ и Веселка ѝ беше многу благодарна. Полека, и тие успеаа да ја прифатат како своја.

Назад во својата одаја, секогаш пред да си легне таа ги пушташе прстите да лизгаат по дирките на машината за пишување. Можеше да се заколне дека речиси ја слушаше како ѝ шепоти. Но не знаеше што бара од неа, па секоја вечер листовите хартија остануваа празни.


Очајно ѝ зборувам,
таа не ме слуша.
Што ли треба за да обрне внимание на оваа душа,
да почнам да ѝ се додворувам?

Викам, викам викам.
Врескам врескам врескам.
Не можам, ќе почнам од земја да се трескам.
Не можам, ќе почнам со копчињата да плескам.

Зошто ли не ме приметува,
целосно ме зашеметува.
Зошто ли го прави ова,
лошо ли е што сум нова?

Една вечер, Веселка се врати од селото потполно потресена. Тој ден таа го помина сама со Нада. Нада ѝ се довери во целост: ѝ раскажа за некоја случка кога нејзиниот сопруг испил толку многу, што со поматениот ум ја замешал Нада за разбојник и ја претепал. Тоа не бил единствениот пат да се случи такво нешто. Веселка остана без зборови. Сѐ што можеше беше да ги грабне нејзините дланки во своите и да ги стисне силно.

Повторно соочена со машината за пишување и со тешко срце, таа седна пред неа. Речиси како во транс почна да пишува. Не знаеше ниту што. Само кога конечно заврши таа се освести и сфати дека тукушто ја беше напишала приказната на Нада. Листот хартија тежеше во нејзината дланка. Месечината ги осветлуваше буквите, и тие како да блескаа во темнината.


Конечно принцезата да ме допре,
овој пат ништо не ја сопре.
Од срце таа ќе напише сѐ,
секако нема да воздише, не.

Се гордеам со овој храбар потег,
не е веќе принцезата за ќотек.
ПИШУВАЈ, ПИШУВАЈ, ПИШУВАЈ, АЈДЕ!
Верувај, ќе има фајде.

Кој знае што ли принцезата ја снајде,
еден ваков текст да скрои…
Ајде, ајде ѝ посакувам добредојде,
во светот со писателски бои.

Следното утро, Веселка се најде повторно во нејзиниот кревет. Машината, заедно со испишаниот лист сѐ уште беа на масата. Во селото отиде само накратко, колку да ја замоли Нада да се сретне со неа на полноќ, имаше нешто да сподели со неа. Кога се врати во палатата, повторно седна кај машината за пишување. Ги препрочита зборовите и просто не можеше да поверува дека тие дошле од неа. Чувствуваше нијанси на гордост. Мислите како да ѝ беа побистри од било кога. Знаеше точно што треба да направи следно.

Го џапна листот од мене,

што ли ќе му прави?

Ја искорна страницата оттука,
ајде, нека се справи.


Вечерта излезе скришно низ задните порти, во својата прегратка држјеќи куп листови, сите исполнети со приказните кои Веселка дотогаш ги имаше слушнато, како и приказни од своите книги, извадоци од текстови, совети… Сите тие со заедничка тема - Жената. Нежно ѝ ги предаде на Нада. Ја замоли да ги сподели со сите останати, но да не им каже кој ги има напишано. Нада ѝ го даде својот збор под полната месечина.

По таа вечер, таа сѐ уште чат-пат ќе си го покажеше лицето во селото, но поретко. Никој не се осмелуваше да проговори збор за приказните од Веселка, но сите ги имаа прочитано. Се гледаше тоа од нивните погледи. Си упатуваа скришни трагачки погледи „Ти ли ги напиша овие зборови? Ти ли?“

Деновите кога не беше со нив ги минуваше пред машината, или истурена врз купишта книги од кралската библиотека, од зора до залез читајќи и пишувајќи.. Секоја полна месечина, таа се среќаваше со Нада на истото место и во истото време, каде ѝ ги предаваше приказните. Нада секој пат ѝ се заблагодаруваше и ѝ кажуваше колку нејзините зборови вдахнале нов живот во нив.

Сега сме вистински пријателки,

повремено си ставаме и панделки.

Од зора до залез таа е пред мене,

страв ми е само да не почне да вене.


Кога ќе заврши со истурање на листовите,

ги зимаше блиску до прегратките.
Купови и купови носеше,
се надевам на добро ги росеше.

Веселка неуморно работеше, собирајќи ги искуствата, маките, соништата на тие жени и претворајќи ги во зборови пронижани со поддршка и прифаќање. Чукаше везден на машината, која како да знаеше што таа сакаше да напише уште пред да знае самата. Сакаше жените да знаат колку нивното заедништво ѝ значат. Тие се единствените кои ја разбираат и слушаат, секогаш.

Еден ден Веселка се разбуди во исчекување. Веднаш почувствувува дека се случува нешто големо. На излегување од својата одаја таа се судри со никој друг, туку Кралот. Обично тој никогаш не доаѓаше лично да ја буди, па Веселка сега навистина беше загрижена. Тој ја повика да појадуваат заедно.


ЧУЈТЕ ПОЧУЈТЕ! - кралот ја буди Веселинка?

ова не ќе е арно, пак има некоја фалинка...

Појадокот се одвиваше во придушувачка тишина. Веселка полека заборави на паничното чувство од тоа утро, кога Кралот се закашла. Набрзина, со колку е можно помалку зборови тој ѝ го раскажа на Веселка следното: Некој од селото дошол кај него со куп хартија, искажувајќи грижа дека некоја бунтовна жена решила да проповеда и да шири пропаганда, која им го труела умот на жените. Кралот веднаш ги смурти веѓите кога повеќе немаше што да каже. Пред да излезе од трпезаријата, набрзина дофрли дека наредил да се собере сето „ѓубре“ и дека ќе го запали јавно, пред целото село истата вечер. Веселка неможеше да го проголта остатокот од својот доручек.

Цел ден слугите ја следеа, а Кралот и неговите советници се шетаа од една соба во друга, сѐ нешто мумлајќи си. Веселка немаше никаква шанса да се шмугне и да отиде до селото, макар и само да ги предупреди пријателките. Кршеше прсти сѐ до вечерта, кога Кралот ја повика во неговата кочија и се упатија накај селото.

Таму огнот беше веќе подготвен. Селаните беа собрани околу него, мажите сите со кренати глави, а жените сите збунети. Погледот на Нада се сретна со нејзиниот и по начинот на кој ѝ се раширија очите Веселка знаеше дека вината ѝ е испишана по целото лице.

Кралот одржа краток говор за вредностите кои една жена треба да ги поседува, но Веселка беше превозбудена за да може да го слуша внимателно, а својот матен поглед не го оттргна од купчињата хартија во приколката дотуркана до кралот. Слушна неколку жени како остро вдишаа откако кралот го зграпчи првиот куп и го фрли во огнот. Еден по еден сите беа проголтани од пламените. Сите приказни, уништени. Болката беше испишана на сите нивни лица, како тие да се оние фрлени во огнот, а не неколку парчиња хартија со мастило. Но тие приказни не беа само тоа. За сите нив имаа значење преголемо за зборови. Огнот гореше до доцна во ноќта и никој не се осмели да мрдне од своето место. Кога и последниот пламен згасна, сите се свртеа за да си одат дома, но беа спречени од нечиј извик. Веселка се сврте и…

Крале, крале, слабоумен.
Зар мислеше нашите зборови ќе ги снема?
Крале, крале, малоумен.
Нема толку лесно нас да нѐ нема.

Се стори огромна гужва. Сите се истурија врз листовите кои светеа како нови. Дури ни пепелта ги немаше извалкано. Настапија викотници. Обвинувања. „Вештерка! Имаме вештерка во селото!“ Во целиот тој башибозук Веселка успеа да стаса до Нада. Пред да биде одвлечкана од кралската гарда, ѝ вети дека ќе најде некое решение за сѐ ова. Месечината на небото беше полна.

Назад во палатата, Кралот ги повика сите слуги да му помогнат да ги уништи листовите. Веселка ја искористи приликата да избега во својата одаја и да ја земе машината за пишување. Мораше да ја однесе на безбедно, мораше.


Паника, паника...
Веселка ме зема.
Узбуна, узбуна.
Ќе ме снема.

Речиси пристигна до портата која се отвараше во шумата, кога беше закована во место од гласот на Кралот. Се сврте полека, и некако успорено, го виде како погледот му се впери во машината за пишување која ја држеше во своите раце. Разбирање му го обои лицето, па бес, и потоа огромна тага. Со намуртени веѓи ја погледна својата ќерка. Не знаеше што да ѝ каже. Веселка не можеше да го оттргне погледот од неговото извртено лице. Знаеше дека ова му предизвикуваше болка, исто како и на неа. Одлуката ја донесе во дел од секунда. Се насмевна некако извинувачки, со стиснати усни, се сврте и истрча низ портите. Не запре со трчањето сѐ додека не беше сигурна дека не е следена.

Месечината само што беше почнала да се спушта и Веселка знаеше дека кај и да е ќе се раздени. Најде една пештера и се скри длабоко во неа. Заспа со машината сè уште во својата прегратка.


Спиеме спокојно

па можда и не.
Ќе биде покојно,
ќе се среди сѐ.

Веселка не престана да пишува. Криејќи се во пештерата успеа да го запише секој последен збор кој го паметеше, од приказните и од учебниците и старите книги кои ги имаше прочитано. После денови поминати во трескавичен занес, таа ги собра сите приказни на еден куп и со лесен чекор, како да беше предводена од некоја сила поголема од неа, таа си го најде својот пат надвор од шумата и кон селото. Во најтемната ноќ, без една ѕвезда на небото, Веселка ја најде куќата на Нада. Не сакајќи никого да вознемири, најде една вреќа компири на тремот и ги остави листовите на нејзиното дно. Знаеше дека тука нема никој да ги најде освен Нада, во која веруваше дека понатаму ќе знае што да направи со нив. Веруваше во сите нив.

Живееме сега заедно,
во една темна гора.
Се имаме една со друга, воедно,
овде сум секоја зора.

Тивко и полека, не брзајќи, како што и дојде така и си отиде. Но наместо да се упати назад кон пештерата и својата машина за пишување, најпрво помина крај палатата. Се придржуваше кон сенките, се припиваше до ѕидовите. На секој влез имаше повеќе стражари од вообичаено. Во своите мисли таа му се извини на татка си и го замоли да ѝ прости. Знаеше дека сега откако дозна кој ги пишуваше приказните тој нема да им штети на селанките. Но Веселка мораше да избега.

Од пештерата таа ја зема машината и се упати кон наредното село, кое и да беше тоа.


Никој не знае што се случи после тоа со Веселка. Ниту пак со волшебната машина за пишување. Но, се знае дека и до ден денес може да се најде по некоја приказна скриена во вреќите со компири.

Моите магични текстови?
Тие се сега насекаде :-)
Погледни си убаво низ кујна,
види што крие твојата Македонка.