Второто издание на Маалски фестивал во организација на КСП Центар Јадро официјално беше отворено со изложба на дела изработени на работилницата за креативно пишување за млади, „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“, под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.
Без разлика дали дали посетителите дојдоа во тиква или во бела и раскошна кочија, во 19 часот сите се запознаа со книжевни ликови создадени од имагинацијата на учесничките Маша, Мила, Мелиха, Анабела, Анастасија, Деспина, Теодора, Лара, Лејла, Сара и Сара (сѐ се женски).
Самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, коса со супер-моќи... Беа само дел од книжевните ликови, гости на балот, направени со природна или со вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилични формули.
Ликовите и нивните приказни се бројни и посебни, книжевно-имагинарни светови. Во нив ќе може да се влезе преку малите книгички - фанзини, со кои може да се споделува кирилица надвор од рамките на дигиталното објавување и комерцијалното издаваштво.
Што се фанзини? Мала книгичка, или фанзин е неофицијално издание создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника, а обработува одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување. Еве на пример, ние пишувавме за чувства.
Учесничките ги изработија фанзините под менторство на уметниците Дарко Алексовски и Јован Јосифовски, преку сечење, лепење, цртање и колажирање.
Бал не е бал без музика, а за тоа се погрижија диџеите Индог и Мартина Пенева. Погледнете како се журкавме ↓