МИНАТИ РАБОТИЛНИЦИ

Од почетокот на времето, приказните се сведоштва за она што било, тие се поуки за она што треба да биде и повторлив обид да се зграпчи и замрзне недофатноста на сегашниот момент.

Раскажувањето и создавањето приказни е неразделив дел од човековата природа. Тоа ни помага да споделиме информација, да креираме емоционални врски и реченица по реченица да ѕирнеме во мистеријата на постоењето.

Приказните го менуваат човекот, а луѓето, еден по еден, го менуваат светот…

„Пиши - бриши... Само не оставај на seen“ е работилница за креативно пишување на македонски јазик наменета за млади од 15 до 18 години.

Целта на работилница е учесниците да се впуштат во процесот на смислување, пишување и читање приказни, како и да го збогатат својот фонд на зборови и потечно да се изразуваат.

Под менторство на „Дума ин сума“, работилницата беше поделена на два дела:

  • Tеоретски дел, со фокусот кон откривање на тајните на пишувачкиот занает низ читање во кој младите учесници се запознаа со почетоците на книжевноста, магичната моќ на приказните и растегливоста на јазикот.

  • Вториот дел од работилницата беше практичен, а младите низ вежби за креативно пишување имаа прилика да создадат и осмислат своја приказна, користејќи ги откриените алатки од првиот дел на работилницата.

Ѕвончето веќе заѕвони за првиот час, а ние сликавме и кликавме на кирилица!

Дали некогаш си се запрашал/а како се создава книжевен лик?

Sugar and spice and everything nice… или "кЛИК, сЛИК - сподели кирилица" - дводневна работилница за креативно пишување на македонски јазик за млади на возраст од 15 до 19 години.

Како продолжение на работилницата „Пиши-бриши…само не оставај на seen“, овојпат создававме свои светови и ликови, користејќи дигитални алатки и еден тон имагинација.

Првиот ден од работилницата го поминавме во истражување на современа македонска книжевност, ѕирнавме во различни уметнички форми и користев,ме слики како инспирација за креативно пишување.

На вториот ден од работилницата ги оживееме нашите книжевни ликовии и изработувавме и печатевме мали книгички - зинови.

*Google Fanzine*

непрофесионалнa и не-официјалнa публикација издадена од ентузијасти на одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр, правен за споделување идеи и креативно изразување.*

Волшебно царство на бајките од цел свет, мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја

Петдневната работилница за креативно пишување со млади - „Неименувана“ под менторство на „Duma in summa“ ги прошири знаењата за новите дигитални комуникации, а воедно ги запозна учесничките со потеклото и варијантите на бајките кои се развивале и прилагодувале низ различни времиња и култури.

Тие открија што е заедничко за Заспаната убавица и Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.

Низ петте денови на работилницата буричкавме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет содржини.

Во тоа ни помогна и нашата гостинка менторка од Босна и Херцеговина - Хана Чурак, администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshtice“, па направивме и по некој мим, bona.

Знаењата собрани на работилницата ги сумирамвме во креативна пракса и авторски текстови, а слушнавме и пет досега нераскажани „Си било еднаш...“.

Авторските современи бајки напишани од учесничките, а посветени на Веселинка Малинка, Мара Нацева - Анка, Вера Јоциќ, Билјана Гарванлиева и Мимоза Несторова Томиќ беа изработени во текстуални инсталации поставени во соодветни државни институции за култура и образование, соодветни по дејствувањето на секоја од петте хероини.

Работилницата за креативно пишување „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“ на 29 февруари се одржа и Битола, а учествуваа средношколци од четири средни училишта.

Думата за насока не прашува, трга на патешествие и те вџашува. Стигна и во Младински културен центар - Битола, летајќи ко вила, за да се објасни потроши многу стила. Ни откри многу ликови чудесни, весели села и љубов што се случи на кЛИК, сЛИК - сподели кирилица. За време на работилницата прелетавме од антиката па сѐ до постмодернизмот, по пат сретнувајќи ја Афродита, Херкулес, Ромео и Јулија, Фауст...

Еве што откривме со средношколците од Битола на нашето необично патување:

„Сакаш, силно сакаш, чувствуваш, се бориш

но, не може да љубиш, ако не го љубиш огледалото.

Стих по стих, љубовен извик

како грутка суво лепче што не можам да го голтнам...

Со еден кЛИК се престори во сЛИКа, дојди и види на цртежот симболика“

Соработката со МКЦ - Битола прерасна и во пролетна изложба, крај Драгоро, на фанзините кои произлегоа од работилницата. Едно златно девојче, една таинствена девојка, среќна пијаница и многу љубов... Се само дел од книжените ликови, создадени со вештачка интелигенција преку непредвидливи кликови и кирилични формули, а од приказните на Бојана, Сара, Михаела, Мирјана, Марија, трите Анастасии и Дамјан.

Весници, весници…

Распустот е добро време да се влезе во филм, а Дума ин Сума реши да влезе во оној на Александар Ѓурчинов… Летово решивме да се нурнеме и во слатката поетика на библиотечната периодика. Работилницата за креативно пишување со млади - „Поетиката на периодиката“ истражуваше нефикционални книжевни форми, па влеговме во минати, потскриени реалности.

Колумни, интервјуа, репортажи, патописи, стрипови, вицови, Драга Таа... Летните распусти секогаш нѐ прават копнежливи по топлите пладниња во кои ги читавме новите броеви од списанијата и магазините што носеа новости и актуелности од светот, постери, квизови и бламажи.

Читавме сѐ: магазини со забавна и едукативна содржина, списанија за интернет и гејминг, спорт, технологија, природа, астрономија, списанија за млади, книжевна критика и уметност…

На оваа работилница одблиску истраживме нови, скриени светови полни со ретки и минати сериски публикации, периодики, разгледници, ракописи, мапи, фотографии, картографии, каталози, ориентални ракописи… Прошетавме низ поетиката на Одделот за периодика во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје, а пријавените добија едногодишно членство во библиотеката, бидејќи знаењето треба да е подеднакво достапно за сите.

Каснавме и пораснавме од носталгичниот шарм на списанијата и весниците, ги проширивме дигиталните хоризонти со креирање на нови и нови и нови (не)фикцинални содржини - и во онлајн просторот и преку физичко споделување на кирилицата.

Пријавените на оваа работилница се здобија со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во Wordpress, блог форма или преку платформи кои се базираат на AI. Правилото на ова работилница беше: „WordPress does not make me depressed“.

Учевме КОЈ?, ШТО?, КОГА?, КАДЕ? и КАКО?, а најмногу ЗОШТО?... Но, фино е да се запамети - границата меѓу фактот и фикцијата е потенка, но и поостра од хартијата на дневниот весник 😉

По многу читање, пишување и патување, работилницата ја заокружуваме со уредување на текстови /дигитално и аналогно/ кои потоа ќе може да се прочитаат во наш печатен магазин. Подгответе се за „ШОК“ - повеќе детали наскоро.