ВЕШТИЦА
ЛАРА ЈОВАНОВСКА
Трета рака поседувам, да ме води низ лавиринт на бескрајно црнило. Раце ширум отворам, посегнувам по мајчински прегратки на деца преплашени. Дозволи, мојава дланка застарена, твои искрени солзи да избрише и од болест гнила да те заштити. Признавам, и јас би стравувала од раце размавтани, раштркани; но вештица и не сум.
Погледни ме в очи, сине, спокојно, да ти помогнам јас се обидувам. Твои болни, вжештени румени образи јас не гледам, но дозволи, коскени прсти нив да ги погалат. Би помислил со солзи лечам свои неспособности природа да видам, но јас посреќна, и не би била. Детски насмевки слушам и нивни очи скришум вперени чувствувам. Дозволи, сине, в твојот имагинативен свет да влезам, зар тоа можам.
Јас зажалувам што ваши нежни изрази не погледнувам, но нивна благост вкусувам, верувај. Коса твоја, дозволи да погалам и од идни маки да те оттргнам. Брчки мои, на намуртеност наликуваат, но чувствувам како искрено се заоблуваат и насмевка створуваат.
Очиве, дупки бескрајни, мој најголем пријател се. Зар тие допир и слух мој усовршиле, та да можам ваша мака да исцелам. Повикај имиња мои, „бабо“, „докторке“; твое гласче за мене песна е.
Педијатрија ја нарекуваат, мојава слепа занимација. Детски помошник сум станала и животи млади сум спасила. Очиве непотребни ми се мене, кога распеани гласови можам чисто да чујам. Прегрни ме, да можам твое здравје со срцево да видам. Рацеве мои вештерски, не по твое заробеништво, та по твоја заштита посегнуваат. Око мое биди ти, а јас твој метален штит. Дозволи да ти пренесам, убавини на црнилава мои. Дупкиве сказни кријат и внимателно рани шијат.
Јас среќна гатачка сум, на твоја иднина спокојна. Погледни ги за мене, тајните детски на светот, а јас ќе ги разберам преку гласчето твое меко. На столче бестрашно седни и испушти в мои прегратки сет свој страв. Дозволи, како внуче свое да те негувам и твој свет да погледам.