СТРАВ

ТЕОДОРА ВЕЛКОВСКА

Јас сум единственото дете во мојата зграда. Живеам со моите родители на вториот кат во стан број 5. Тоа што сум сам не ми пречи, секој ден имам најразлични авантури во паркот околу зградата. За разлика од другите деца не се плашам од многу работи, може да се каже дека јас сум бестрашен.

Сѐ тоа се смени кога ова лето во соседниот стан се пресели една постара жена. Нашата прва средба беше малку невообичаена. Едно утро кога излегов од станот, се пресретнавме, таа стоеше во ходникот. Беше прилично висока и имаше невообичаено големи раце. Тоа беше првото нешто што го забележав. Не можев да го насочам вниманието кон ништо друго. Без да кажам било што забрзано се симнав по скалите. Почувствував непознато чувство за мене, не знаев како да го опишам. Срцето забрзано ми чукаше и на рацете почувствував ладна пот.

Таа вечер пред да заспијам не можев да престанам да размислувам за нашата средба. Бев премногу уморен, па ги затворив очите, пробувајќи да заспијам.

По кратко време слушнав како вратата пополека се отвора. Ги отворив очите и кога подобро погледнац, забележав две големи раце. Беа исти како тие на жената. Срипав од креветот и се скрив во плакарот. Гледав како рацете сѐ повеќе и повеќе се доближуваа до мене кога… Се разбудив. Лежев во мојот кревет, беше разденето. Немаше ни трага ни глас од големите раце.

Повторно се појави истото чувство, срцето забрзано ми чукаше и на дланките имав ладна пот. Можеби покрај сѐ и не бев бестрашен.