СКРШЕНО СРЦЕ

АНАСТАСИЈА ОГНЕНОВА

Ада Пит живееше сосема обичен живот, стануваше рано наутро и безжелно одеше на работа и тоа не за тоа што го учела на факултет, туку нешто што може да го работи слободно секој, келнерка во едно кафуле на Широк Сокак. После својата смена имаше обичај да излезе со своите пријателки, да трачари, да оди на шопинг, но имаше нешто што ја издвојуваше од повеќето луѓе кои ги познаваше. Таа имаше филифобија или страв од вљубување. Секогаш кога ќе добиеше чувства за некого ја фаќаше интензивна паника, гадење, дури и тешко можеше да ги извршува секојдневните активности, избегнуваше контакт со луѓето и се осамуваше. Дланките често ѝ се потеа и стануваа ладни и ѝ се тресеа. Минатото лето започнаа да ја обземаат чувства за Симон, еден нејзин пријател. Тој и ја возвраќаше афекцијата и Ада беше свесна за тоа, но чувствата толку многу ја исплашија што три дена не излезе од дома и по одредено време прекина секаков контакт со него. Човекот е она од што се плаши, таа се плашеше од љубовта, па и љубовта започна да се плаши од неа. Кога последно чув за неа, Ада Пит сè уште беше сама, а после тоа долго за неа немав слушнато ништо, сè додека една наша заедничка познаничка не ми кажа дека таа пред неколку месеци починала од скршено срце, баш пред да падне првиот снег.