ПРВИОТ МРТОВЕЦ НА МАРС

МАША БЛАЖЕВА

ПРВИОТ МРТОВЕЦ НА МАРС

Некогаш одамна, но не толку одамна, решија да го испратат првиот мртовец на Марс.

Се избра тим од научници, изградија ракета, ја спремија, го спремија и ковчегот во неа… Само остана да го изберат мртовецот. Се најде листа на најпознати историски личности (мртви) и ги ставија во шапка. Се влечеше. Среќникот (колку и да може да е среќен еден мртовец) беше Кристофер Колумбо.

Музејот на Мртви Личности (ММЛ) го имаше перфектно презервираното тело на Кристофер Колумбо. Изнајмувањето беше скапо, навистина ужасно скапо, но проектот беше финансиран од државата па тоа не претставуваше проблем.

Го легнаа Колумбо, облечен во убаво испеглан костим, во ковчегот, го ставија ковчегот во ракетата, ракетата ја лансираа во вселената.

Слета на Марс.

Таму беше приреден церемонијален пречек. Беше послан розов килим на правливата марсовска земја, бидејќи Марсовците првпат примаа таков почесен гостин (освен Тејлор Свифт која имаше дојдено како дел од нејзината турнеја, но за неа беше послан син килим.)

Марсовците го извадија Колумбо од ковчегот, го седнаа на еден пластичен стол на расклопување и му ставија чаша ракија во дланката. Сите присутни на дочекот отидоа еден по еден со сопствените чаши ракија за да наздрават, дури и децата, кои потоа им ги даваа чашите на своите родители.

Кристофер Колумбо беше првиот мртовец на Марс. Тоа беше потврдено и со селфи, кое еден од Марсовците го имаше објавено на интергалактичкиот Твитер.

МAКИТЕ НА ЕДЕН РАНЕЦ ЗА ЕКСКУРЗИИ

Нема ништо поужасно од екскурзии.

Обично стојам фрлен и заборавен во аголот на собата давејќи се во прашина. Но, тогаш животот ми е барем мирен. Еднаш до два пати годишно мене ме вадат, ме перат и ме полнат со сите вообичаени нешта (карти, грицки, сокови, слушалки, книга…)

Овој пат, ужасот започна уште од првиот миг кога бев спуштен на валканиот автобуски под. Најпрво се истури еден лошо затворен сок. Мразам кога сум влажен. Но кога сум влажен и леплив? Страшно!

После, се истурија грицките. Бев влажен, леплив и полн со трошки. Уште пострашно. Сѐ ме чешаше и боцкаше. После, почнаа да ме шутираат. Не беше доволно што бев стуткан под седиште, туку уште и ме шутираа. Заплакувам кога само ќе помислам.

Едно време дури и ме подаваа наоколу со најмалку можно внимание. Продолжија да ме подаваат и кога сета моја содржина се истури на подот на автобусот. Не можам повеќе.

Во собата, сместен на подот до креветот си реков конечно малку ќе одморам. Грешка. Веднаш после вечерата ме земаа на вечерна прошетка. Потем, бевме во Охрид. Охрид е навистина убав град. Освен кога ќе завршиш пловејќи во Охридско Езеро, бидејќи по грешка си паднал од нечиј скут на пристаништето. Колку патетично.

Така накиснат, извалкан, комплетно истоштен, си реков, еве, сега ќе се вратиме во собата и јас ќе одморам. Но не! Тоа не беше крајот. Во мене одеднаш почуствував како се лизнува полно шише… Вотка. Не можев да поверувам. Никогаш претходно не сум бил користен за вакви нелегални дела. Навистина бев пред откажување.

Сега седам на терасата, висам на сушарата со една штипка. Барем им текна да стават да се исушам надвор само што… Ладно е… И штипката не држи доволно. Се лизгам. Паѓам на олукот под терасата.

Толку за мене. Ова ми е крајот.

Ми се слизнува една единствена солза, или можеби тоа е само езерската вода која сѐ уште се цеди.

***

Ветрот на врвот од планината луто вие. Има семафор на работ од бездната и свети црвено. Палам цигара, чекам да светне зелено. Си ги прегледувам ноктите. Погледнувам нагоре и времето е сега. Се фрлам во бездната. Не го гледам дното.