ПИЈ, ПИЈАНИЦО, ОПИЈ СЕ!

АНАСТАСИЈА БЕЈКОВСКА

Во едно убо село весело, си живеел еден пијаница. Со испеглан костум и црн шешир, си шантал кутар по калдрмата, во еден џеб шишенце ракија, во друг шишенце крстена вода. Си бил секогаш во најнова мода, како виолина нова, нова, ама раштимана. Едни црни заби скапани си имал, црна дупка кога ќе се насмеел, а пуста пијаница од село весело, мерак имал да се смее. Кој и да поминел пред дворот негов сред село, трезен не продолжувал.

„Ајде комши, на едно шише!“, ќе викнел, заби ќе покажел.

Ќе си седнел пусти комши со него, ќе си слушал приказни војнички, приказни од Самоилово време. И секоја пауза што ќе ја направел пуст пијаница, насмеан те слушал, насмеан со тие заби црни скапани.

Та си бил еден ран Велигден, та си бил зимски Св. Никола, пијаница на сред село оро си водел, насмеан, со тие заби црни скапани.

Цело село си ја сакало, та пијаница весела, насмеана, си слушало село приказни негови, си гледало црна насмевка.

Мали деца прашувале, зошто пијаница дотерана, се смеел со такви заби, со заби црни скапани. Мајка ќе ги седнела и ќе му раскажела:

„Мило дете мое, та пијаница си имал една ќерка, ќерка убава Елена. Мала како тебе, мила, златокоса, слика на мајка си. Та Елена немала среќа како тебе, па ѝ мајка умрела. Елена била око пијаница, дар мајчин и сакала мала таткова смеа. А видела татка си насмеан, мала Елена смеа пуштала, очи ѝ светеле. Та црна дупка дете мое, ти која ја гледаш, била сонце на Елена, ама Бога барал златокос ангел и земал мала Елена. Та пијаница зел ракија, црна коса му побелела, заби бели сонце Еленово, станале дете, заби црни скапани.“

Па така пијаница, се смеел секој ден, со тие заби црни скапани, душа пуста му само еден ден плачела, на ден Духовден, измеѓу гробишта селски. Само тогаш не вадел заби црни скапани, само тогаш кутар пијаница судбина си тажел.