ЛЕК ЗА БЕС

БОЈАНА ДИМИТРИЈОВСКА

Викторија, најубавото девојче од генерацијата. Има убава, црна и долга коса, убаво тело, дури ја има и најубавата насмевка. Секое машко би можела да го придобие, но има една маана - нејзините нокти ѝ се изгрицкани, кожата околу ноктите секогаш ѝ е крвава, а има и изгореници. Сигурно ѝ се од цигарите, за кои вика дека се лек за нејзиниот бес. Да, таа пуши цигара загрижувачки, таа е полна со бес. Бесот за неа претставува соба во која има само мал прозорец, (цигарата), а ако не ја извади главата низ него макар на минута, таа се претвора во чудовиште, се тресе, има тикови, нејзините долги и танки прсти ги прави крвави, дури и ноктите ги гризе до живецот.

– „За некои цигарата го скратува животот, а за некои го продолжува“, вели таа.

Викторија се обидува нејзиниот бес да го скрие со цигарите. Никој не знае дали има проблем, дали нешто ја мачи или само е зависна од цигари.

Се обидов да ѝ прозборам, да ѝ помогнам, но таа само извади цигара, ја запали и ми се обрати со зборовите: - „Човекот секогаш ќе те издаде, но цигарата не, таа ќе изгори и се претвора во пепел, ја снемува како бесот“, ме погледна и се насмеа.

Ја испуши цигарата и си замина.