КАДЕ МЕ ВОДИ ПАТОТ

МАША х АНАБЕЛА

Дебелите завеси од црвено кадифе ја пригушуваат сончевата светлина во одајата на Принцезата. Украсните позлатени плочки се лизгави и студени.

Воздухот е тежок, иако прозорците се отворени. Принцезата, потоната во мекиот душек, сонува. Гледа места несфатливи за неа, со неописливи бои. Ја буди ѕвон придружен со отворање на вратите на нејзината одаја. Слугинките се истураат во собата. Треба да се спреми за церемонија.

Фустанот и тежи врз снагата. Високата крагна ја гуши. Корсетот ја стега. Тропкањето на бисерните ѓердани ѝ прави фонија во ушите, а скапоцените камења се ослепувачко - блескави.

Ходниците на палатата се полни со слуги кои трчаат наваму-натаму за последните подготовки, но Принцезата не ги слуша. Не слуша ништо освен своите чекори кои ѝ се чинат громогласни.

Во одајата каде ја чекаат нејзините придружнички е поставена маса со чајник и кошница со куп слатки. Ја повикуваат да им се придружи додека слугинките ѝ ја чешлаат златната свилена коса. Ја кубат. Шнолите ја бодат. Колачот не ѝ се спушта низ грлото.

Сите дворјанки зборуваат одеднаш. Се слуша строгиот глас на кралот, нејзиниот татко, од другата страна на вратите. Не може да дојде до здив.

  • „Оставете ме сама, на момент.“

Придружничките и слугинките се двоумат. Има уште многу традиции во подготовката на Принцезата во невеста, но не и многу време до главната церемонија. Сепак, се повлекуваат назад во ходникот.

Ни момент откако вратите се целосно затворени, Принцезата ги грабнува бисерните ѓердани и во еден потег тие се распрснуваат на подот. Ѝ се допаѓа звукот на нивното тркалање. Кога и последниот ќе се смири, таа грабнува една од завесите – сина, со извезени ѕвездички од срма, и кошницата слатки. Истрчува низ стаклената врата надвор во дворот, се шмугнува покрај неколкуте слуги раздвижени наоколу, и се упатува право во шумата.


Си дозволува да издиши дури кога е сигурна дека бучавата на палатата е далеку зад неа. Ја удира, тогаш, што всушност прави. Таа е сама. Во огромна и опасна шума, со само кошница колачи и парче завеса за нагрнување. Никогаш претходно не била сама во

шумата. Се мисли, се премислува. Одлуката да избега беше моментална, и ако сега се врати може да заборави дека ова се случило и да продолжи сѐ по својот ред. Но…

Но кога е веќе тука, далеку од замокот и со вкусот на слобода на врвот од нејзиниот јазик, не може да направи ниту еден чекор назад. Одлучно продолжува сѐ подлабоково шумата.

Полека, дрвјата стануваат се поголеми и погусти, а грмушките пободликави и непроодни. Но тоа не ја спречува. Не застанува сѐ додека не почне Сонцето да се спушта зад крошните пред неа, боејќи го небото во пламени, а потоа и фрлајќи мистични сенки во самракот. Седнува на еден голем камен за да се одмори и да јаде.

Шумата е сега скоро во комплетен мрак и студено е. Покривајќи се со дебелата ткаенина, се потпира на еден испакнат куп корења. Ја лазат морници. Навистина требаше да размисли повеќе пред да се впушти во бегство. Да се припреми повеќе. А

сепак, се уште нема желба да се врати назад. Ги затвора очите.

Мисли на сите приказни за ѕверови и превртливи самовили кои талкаат навечер во шумите. Отсекогаш ги сакала тие приказни. Сега кога е тука сака да мисли на било што друго освен морничавите легенди и бајки во кралската библиотека. Па мисли на кралството. На палатата. На часовите по јавање и нејзиниот прекрасен дамкаст коњ. На кралскиот пес со кој има поминато цели денови во дворот. Мисли на готвачката, која секогаш имала посебна наклонетост према неа и ѝ дозволуваше да денгуби во кујната, криејќи се од слугинките и учителите. Мисли на единствениот учител од кој не бегаше, оној по географија. Мисли на картите врз кои седеше со часови, следејќи ги со прст

патиштата. Сонувајќи. Мисли на татко ѝ. Татко ѝ, кој секогаш ја сакал и чувал, кој таа знае дека само го сака најдоброто за неа, но не секогаш знае што е тоа.

Неколку солзи се стркалуваат по нејзините образи. Не ги брише.

Ја забележува младата Месечина помеѓу гранките пред неа. Тоа ѝ ја дава потребната сила.

Уште еднаш, решително се впушта во брз, но внимателен од. Нејзиниот фустан е валкан и искинат сега, па таа ги протнува прстите во една поголема дупка и тегне. Ја кине и растрга ткаенината сѐ додека не ја оттргне целата потсукња и уште десеттина прсти од должината. Се движи уште по агилно низ корењата и гранките.

Ја гледа Месечината, сега над неа, и не знае кој кого следи.


Во текот на ноќта јаде уште еден колач со џем од малина. Кошницата ѝ тежи, но не се осмелува да ја остави. Не знае каде оди. Едвај го гледа патот пред неа. Не е ни пат.

Тоа ја плаши. Целиот нејзин живот Принцезата одела по рамни патеки, внимателно изработени, безбедни и проверени, со по еден чувар на секоја страна. Првпат е сама. Првпат сама треба да избере каде оди. Откако и Месечината ќе ја снема од видик, таа се струполува на земјата од умор.


Се буди со црцорот на птиците. Сонцето самошто се издигнало зад планините и денот е нов. На Принцезата ѝ се потребни само неколку секунди пред да се целосно освести. Откако ќе стане и ќе се протегне, го вади последниот колач со малина од кошницата.

Почнува да чуствува тежина низ целото свое тело. Се сомнева, повторно, во својата одлука да бега. Но слободата, таа е толку близу. Прстите ѝ се испружени. Уште малку и ќе може да ја допре.

Едно врапче ја облетува, црцорејќи. И за миг, таа е маѓепсана. Посакува да имаше крилја. Го следи врапчето, додека може, а кога тоа ќе излета високо над гранките и надвор од

нејзиниот видик, таа го префрла својот фокус пред неа. Чуствува нешто во воздухот. Некоја свежина.

Го брка привлечниот мирис, забрзувајќи го чекорот. Не знае каде оди, но знае дека сама одлучува сега. Тоа ѝ е доволно.

Импровизираната наметка веќе долго време ја има оттргнато, Сонцето е високо на небото и гранките се изретчуваат. Грмушките ги губат трновите и добиваат цветови.

Мирисот е сѐ посилен. Дали е тоа мирисот на слободата?

Кога конечно ќе излезе од шумата, Принцезата е стаписана.

Стои на еден камен залив, а пред неа – брод. Скромен, но прекрасен брод. Гледа неколку од морепловците како работат на палубата. На миг помислува повторно нататко ѝ, на кралството. Но мирисот во воздухот е морето, што е синонимно со слободата. И кога ги опушта прстите и дозволува кошницата да падне наземи, таа се наведнува и ги притиска рамно на камењата. Ситниот песок ја скокотка.

Трча кон брегот. Со радост ја дочекува студената вода на нејзините стопала. Ги соблекува чевлите, валкани и излитени, и ги фрла некаде зад неа.


На бродот ја примаат лесно. Ѝ нудат храна и свежа вода. За возврат, таа им нуди една златна шнола. Кога ќе ја прашаат каде ја нашла, таа не им одговара. Не им кажува ништо за себеси, освен дека мора да оди колку е можно подалеку. На морепловците тоа им се допаѓа. Ја разбираат и не бараат многу од неа. Ја подучуваат. Со нив, таа наоѓа лесно пријателство. Им раскажува приказни, навечер, кога ќе се соберат сите на

палубата подавајќи си шише рум.


После неколку недели и таа самата зема голтка секогаш кога ѝ е редот. Ѝ се допаѓа начинот на кој ѝ го гори грлото.

Го сака животот на море.

Ја сака слободата.


Маша Блажева – Амаре





Каде ме води патот

Анабела Ал Аббаси


Стојам во шумата,

безброј патишта пред мене,

ме брка чумата,

минатото ме демне


Најубавата принцеза во кралството

израсната во тесна рамка

„Ти најдов принц, душо моја“,

Се е ова една замка.


Побегнав, побегнав, побегнав,

Сама ќе си ја одберам судбината

Побегнав, побегнав, побегнав,

не е овде моја вината.


Порасната во една раскошна палата,

опкружена со сребра, дијаманти, злата,

Сега сум во една зелена шума,

„Каде ќе одам“ - и мене ме дума.


Одлучив да одам по левото патче,

одлучи да ме следи и едно врапче

„Ех, да сум слободна ко птицава“ - си велам,

ќе бидам силна, не смеам

вака да се делам.


Врапчето ми шепна да продолжам право,

животните сите ми велеа „Здраво“.

Дрва зеленило, непознати билки,

дрва од цреши, праски, сливи, јаболки.



Секое претходно утро ми беше тмурно.

се чувствував заробено, се беше црно.

Одлучив дека е доволно.







Можеби малку ми беше страв,

можеби и не знаев кој пат е прав,

можеби направив голема грешка,

м о ж е б и е д е н д е н о в а ќ е е

с а м о е д н а „с м е ш к а“ : - )


Одам со часови, но не пристигнав никаде,

кој ли ме натера „да фатам џаде“?

Почекај, гледам нешто во далечината,

каде ли ќе ме однесе месечината?


Врапчето повторно ме поттикна да продолжам

ми велеше никако сега да се откажам.

Во право беше, пред мене видов море

и еден брод.

вредеше ли сиот овој од?


Ја најдов мојата дестинација,

ќе пловам; ќе ја посетам секоја нација

Ја најдов мојата љубов, пасија и цел

и конечно не сум веќе од едно такво семејство дел


Ова беше еден голем знак

не живеам веќе во црн мрак

Опкружена со вода, јас и бродот мој

го добив посакуваниот спокој.