ГРИЦКАЊЕ НОКТИ

САРА ГИЧЕВСКА

Софија Рубин е дваесетиеднагодишна девојка која живее навидум, просечен и мирен живот сега. Но, тоа не било отсекогаш така. Нејзината животна приказна е исполнета со подеми и падежи, исто како и сечија друга, но она што е интересно и посебно за Софија е тоа што таа кога и да зборува за својот живот го дели на два периоди: додека ги грицкав ноктите и откако престанав да ги грицкам ноктите.

Јас сум Софија Рубин, потекнувам од семејство во кое секогаш преовладуваше насилството. Живеевме во скромна куќа, во еден прилично мал град. Имам постар брат кој го немав видено со години, откако мојот насилен татко го избрка од дома кога имав само единаесет години. Како мала, паметам дека секогаш кога ќе настанеше хаос дома, се качував на покривот и со часови останував таму, грицкајќи нокти и гледајќи во дрвјата преку прозорот. Мојата најголема желба беше да побегнам од тој хаос и да живеам сама во мир и спокој.

Тоа и го направив на осумнаесет години. Се преселив во Лондон и го почнав животот од почеток, како никогаш да не сум живеела во тоа мало градче. Ги избришав сите спомени од главата, комплетно ја променив перспективата со која гледав на животот и станав многу посреќна. Имаше само една работа која ме навраќаше на минатото, една навика која никако не можев да ја искоренам. Секој пат кога бев околу луѓе и се чувствував анксиозно, единствената работа што бев способна да ја правам беше да грицкам нокти.

Со текот на времето прифатив дека тоа е лоша навика која не можев да ја искоренам колку и да се обидувам и само продолжив нормално да функционирам со неа, дури престанав да обрнувам внимание на тоа колку лошо ми изгледаа ноктите. Тоа беше така сѐ до 16 јануари.

Работам во мало кафуле како шанкерка и поголемиот дел од времето во денот го поминувам таму. Поради тоа, склучивме договор со брат ми тој да ме посетува секоја среда на работа, а јас секоја недела.

На 16 јануари, тој одлучи да ме посети со неговиот најдобар другар - Стефан. Верувале или не, токму тој беше човекот што помогна да ја искоренам мојата ужасна навика. Уште од моментот кога се запознавме, првото нешто што ме праша беше: - „Зошто ги грицкаш ноктите?“, на што јас одговорив: - „Не знам, од навика“.

Прашањето беше и причината за нашата прва средба. Како поминуваше времето, така сѐ повеќе почнав да се опуштам и дојде до момент, кога престанав да ги грицкам ноктите додека бев со него. Нашите средби се зачестија, поврзаноста стануваше сѐ поголема и дур да трепнам сфатив дека несакајќи се вљубив во Стефан. Најчудно беше тоа што во овој период на моето вљубување во него тој неколкупати ми посочуваше дека грицкањето нокти е нешто од што можеш да се одвикнеш, ако се чувствуваш сигурна покрај некого. И така неприметливо баш тој стана мојот човек - личноста во чие присуство не чувствував потреба да ги грицкам ноктите. Оттогаш наваму, сметам дека сум многу подобра и посилна верзија од себе. Баш поради тоа секогаш кога ја раскажувам мојата животна приказна, велам дека мојот живот се дели на два периоди, додека ги грицкав ноктите и откако престанав да ги грицкам ноктите, или подобро кажано - пред и по вљубеноста.