ДОЖД НА ЅВЕЗДИТЕ

МЕЛИХА ТРУБЉАНИН

Мојата најдобра пријателка, секогаш добива повеќе внимание од мене. Таа го осветлува денот, им дава живот на цвеќињата и ги буди малите човечиња на мајката Земја. Сонцето секогаш изгледа добро и сите му се радуваат. Толку е способно, што подарува и витамини на жителите на Земјата.

А јас? Јас доаѓам заедно со мракот, кога ноќта пристапува. Тогаш, моите златни солзи почнуваат да блескаат, а малите дечиња заспиваат под нив.

Сакам луѓето да ме забележат, да се радуваат, да извикуваат: - „Златната месечина се појави, конечно. Погледнете ја таа убавина“.


Бев тажна, копнеев за тие комплименти. Но, секогаш кога мракот пристапува, а јас заблескувам, луѓето се повлекуваат во нивните топли домови, во прегратките на нивните најмили.


Вечерва, нешто се случи. Некој доле ме забележа, некој ме гледаше со блесок во очите. Мало детенце со палава насмевка и светла коса ме гледаше веќе подолго време и почна тивко да пее песничка, посветена за мене. Само за мене!


Песничката звучеше вака:


Месечинке моја мила,

ми даваш сон со блескавите крила.

На ноќта мрачна ѝ даваш сила,

со златна боја, ко очи на вила.



Сакам да отпатувам до тебе,

Сакам твојата магија да допре до мене.

И кога си цела, или како чамец,

ти за моите очи си мамец.


Почувствував возбуда, нешто ново за мене. Бев среќна. Некој ме забележа, некој за мене песна отпеа. Не можев да се сопрам, солзите - радосници почнаа сами да се леат. Тие златни нишки го пробија мракот на ноќта.


Таму доле, малите човечиња на мајката Земја, се разбудија само да ги гледаат моите златни солзи, метеорчиња. А малото дете, кое го започна сево ова, ја разбуди неговата мама за да ѝ го покаже „Дождот на ѕвездите“. Дождот од моите златни солзи.