ДОПИР
МАША БЛАЖЕВА
РУМЕНА
Како и остатокот од светот, Румена ја гледам од зад завеса црни прамени. Пониска е од мене за педа и морам да ја наведнам главата за да ја погледнам. Косата ѝ е интензивно портокалова, кратка и нерамно поткастрена, како куп бесни пламени. Лицето ѝ е постојано бледо и студено на допир. А сепак, во очите носи огромна топлина, сино-зелени и бесконечни. Образите ѝ се секогаш набрчкани од насмевката која ја има на себе.
Румена е од оние луѓе кои те гледаат директно во очите додека зборуваш. Не знам што очекува да најде онаму каде моите се скриени, но никогаш не го оттрга погледот од мене. Понекогаш мислам дека има супермоќи и може да го види она што со години пробувам да го сокријам. А сепак, немам сила да се повлечам од нејзиниот вртоглав поглед.
Стоиме на брегот додека брановите ни ги плискаат босите стапала.
Главата ми е наведната надолу и гледам како океанот полека ги закопува во ситниот песок. Можам да претпоставам дека гледа во мене. Сакам да ја прашам што бара. Сакам да ѝ кажам дека нема да најде ништо.
Дува силен ветер.
Се вртам накај неа и ветрот ми ја зафрла косата. На момент лицето ми е непокриено.
Очите ѝ се шират, полека, насмевката избледува и образите ѝ се измазнуваат. Нема повеќе линии околу очите. Погледот ѝ е за миг остар и потоа се заматува. А на нејзините бели образи се појавува руменило.
Ја приближувам дланката кон нејзиното лице.
За првпат откако ја познавам, Румена е врела, а нејзиниот поглед не е насочен кон моето лице. Го осеќам нејзиното забрзано дишење на мојата дланка.
ДЕЗДЕМОНА
Како никој друг, Дездемона не можам да ја погледнам во очите, и не затоа што не пробувам, туку поради завесата права црна коса зад која се крие. Кога гледам во неа морам да ја поткренам главата затоа што е цела педа повисока. Косата ѝ е сјајна и мазна и секогаш ѝ виси пред лицето. Дланките ѝ се големи и несмасни, со долги тенки прсти. Го собира целото мое лице во нив. Никогаш не можам да проценам дали се смее или се мурти.
Лесно ги читам луѓето. Дездемона е мистерија. Понекогаш мислам дека под косата не се крие никакво лице, туку празна површина, како некој да земал гумичка и да го избришал тоа што било таму. Мистеријата ме плаши, а сепак, не можам да престанам да зјапам во нејзината вознемирувачка убавина.
Стоиме на брегот додека брановите ни ги плискаат босите стапала.
Свртена сум кон неа. Гледа надолу во водата и изгледа како да сака да се стутка во себеси. Сакам да ја прашам што крие. Сакам да и кажам дека нема потреба.
Дува силен ветер.
Се врти накај мене и ветрот ѝ ја зафрла косата. На момент лицето ѝ е откриено.
Очите ѝ се толку светли, што скоро се бели. Од тенките темни веѓи, па сѐ до врвот на устата, лицето ѝ е покриено со нерамни светли испакнатини, лузни. Усните ѝ се тенки и суви. Сакам да ги поминам моите прсти по нејзиното лице. Се губам во мислата.
Го допира мојот образ и дланката ѝ е студена. Сфаќам дека горам.
Не за првпат откако ја познавам, посакувам да не ја криеше својата убавина од мене. Не можам да ја погледнам без да останам без здив.