ДЛАБОЧИНА
АНАСТАСИЈА КИТАНОВСКА
Ведрина, позитива, самодоверба.
Така таа ја препознаваа кога ќе влезеше во просторијата.
Секој ден со нова комбинација на алишта, нова белегзија,
нов пар на потпетици, различна нијанса на кармин и исправена.
Девојка за восхитување, за пример, поим за самодоверба.
А, внатре, длабоко внатре, таа заедно со неа.
Големата храбра, нескршлива девојка, идеална за сите,
заедно со девојката која ја гледа бабата
како ја преминува улицата и размислува дали таа
има некој дома, дали некој ја чека, дали денес некој ја прашал
дали е добра?
Девојка која и покрај напорната работна недела,
секојдневните удари, преплавена со
милион емоции, пак во саботното утро
ќе вдиши, ќе го почувствува
златниот сончев зрак како го гали нејзиното лице,
како цвеќето е во најубавата светло лилава боја,
како русокосото плаво дете му мавка со малото раче.
Затоа што такви сме ние луѓето, од месо и крв,
создадени за болка, за љубов,
за тага, за среќа.
И пак таа ќе биде позитивна и самоуверена девојка.
А, внатре, длабоко внатре, нов свет.
Двете девојки во постојана борба.