„Дума ин Сума“ е неформално здружение за култура и образовани создадено oд книжевничките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.
„Дума ин сума“ ја користи методологијата на неформалното книжевно образование кое вклучува читање, компаративна анализа, критичко размислување, креативно изразување, пишувањe и споделување на кирилицата за создавање различни уметнички форми од млади за млади.
Преку интерактивни вежби за креативно пишување, читање и теорија, „Дума ин Сума“ ја поврзува литературата со различни дисциплини - ликовна уметност, музика, филмови, мимови, активизам, новинарство, филозофија, дигитална комуникација, медиумска писменост, популарна култура...
Според „Дума ин Сума“, книжевноста треба да излезе од рамките на корицата и да земе активно учество во светот што нѐ опкружува. Во нашата неформална образовна програма вклучуваме запознавање и читање на автори/ки кои ги поставиле темелите на македонската литература, но и заборавени фиктивни камчиња на сакањето.
Програмата вклучува и употреба на дигитални алатки и содржини за полесно разбирање на современите книжевни форми и наративи.
На нашите часови истражуваме нови автори, поттикнуваме љубопитност и аналитичност за низ учење, забава и разговор за да ја разбудиме желбата за разиграно и слободно пишување и изразување кај младите.
Во 2023 година, по три години менторирање на млади со креативно пишување, неформалното во јуни 2023, Марија Бошковска и Ивана Смилевска ја одржаа првата работилница за креативно пишување за млади со насловена „ПИШИ-БРИШИ…Само не оставај на seen!“ како „Дума ин Сума“. Работилницата се одржа во КСП Центар Јадро.
Веќе во септември 2023 се одржа втората дводневна работилница за креативно пишување со млади - „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“. Акцентот и на двете работилници беше креативна употреба на кирилица и употреба на дигитални алатки. За време на работилницата „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“ креативното пишување доби нова димензија преку соработка со (визуелни) уметници со цел интердисциплинарно испреплетување на пишувањето со различни уметнички медиуми. Плус, кирилицата беше споделена преку фанзини и мали колажни книги.
Делата на учесниците на двете работилници беа претставени пред јавноста во рамки на изложбата и книжевен бал „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“, што го отвори Маалски фестивал 2023 во организација на КСП Центар Јадро.
Без разлика дали гостите дојдоа на литературниот бал во тиква или бела, луксузна кочија, тие имаа прилика да се сретнат со литературни ликови создадени од имагинацијата на учесниците. На изложбата беа претставени мали книгички - фанзини, со кои ја споделивме кирилицата надвор од дигиталното и комерцијалното издаваштво. Учесниците ги изработија фанзините под менторство на уметниците Дарко Алексовски и Јован Јосифовски користејќи техники на сечење, лепење, цртање и колажирање. Бал не е бал без музика, па имавме и диџеи - Мартина Пенева и Индог.
2024 ја дочекавме во волшебното царство на бајките од цел свет, мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја. Во јануари 2024 година беше одржана третата, „Неименувана“ работилница за креативно пишување во културно-едукативниот центар Лабораториум. Учесниците на работилницата имаа можност да се запознаат со потеклото и варијантите на бајките кои се развивале и прилагодувале низ различни времиња и култури. Научивме што е заедничко за Заспаната убавица и Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст. Низ петте денови на работилницата буричкавме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет содржини. Во тоа ни помогнаа гостин-менторите Дарко Алексовски, визуелен уметник и Хана Чурак (БиХ), администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshtice“.
„Дума ин сума“ со работилницата за креативно пишување на македонски јазик за млади, „кЛИК, сЛИК - сподели кирилица“ гостуваше во Младинскиот културен центар (МКЦ Битола).
Во февруари 2024, млади од четири битолски средни училишта потрошија многу стила и еден тон имагинација за да создадат свои книжевни светови и ликови. Заеднички пишувавме и зборувавме додека прелетувавме од антиката, па сѐ до постмодернизмот, по пат сретнувајќи се со Афродита, Херкулес, Ромео и Јулија, Фауст… Напишавме заедничка поема, но и свои авторски дела, во кои учесниците ја раскажаа приказната за својот книжевен лик. Едно златно девојче, една таинствена девојка, една среќна пијаница и многу љубов - со помош на ЧетБот (AI) книжевните ликови создадени на работилницата, оживеаа од фантазијата на младите во прекул дигитални дела. Визуелниот уметник Дарко Алексовски ги смести мини книжевните светови во печатени книгички - зинови.
На 11 мај, крај Драгоро, во кафулето „Улаф сте“ се одржа изложба на фанзини [зинови] преку кои споделивме кирилица и поетски и прозни дела од учесниците на работилницата на посетителите и случајните минувачи.
Весници, весници…
Распустот е добро време да се влезе во филм, а Дума ин Сума реши да влезе во оној на Александар Ѓурчинов… Летово решивме да се нурнеме и во слатката поетика на библиотечната периодика. Работилницата за креативно пишување со млади - „Поетиката на периодиката“ истражуваше нефикционални книжевни форми, па влеговме во минати, потскриени реалности.
Читавме сѐ: магазини со забавна и едукативна содржина, списанија за интернет и гејминг, спорт, технологија, природа, астрономија, списанија за млади, книжевна критика и уметност…
На оваа работилница одблиску истраживме нови, скриени светови полни со ретки и минати сериски публикации, периодики, разгледници, ракописи, мапи, фотографии, картографии, каталози, ориентални ракописи… Прошетавме низ поетиката на Одделот за периодика во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје, а пријавените добија едногодишно членство во библиотеката, бидејќи знаењето треба да е подеднакво достапно за сите.
Пријавените на оваа работилница се здобија со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во Wordpress, блог форма или преку платформи кои се базираат на AI. Сепак внимателно, границата меѓу фактот и фикцијата е потенка, но и поостра од хартијата на дневниот весник. Тренингот заврши на интернет! Ура, ура, хиперлитература! Но, кој може да искулира кога ќе ѕирне зад завесата од кодови на еден хипертекст. Го прочитавме Алан Шварц, пребарувавме бесплатни е-библиотеки и го почувствувавме колективизмот.